На единствениот број за итни повици 112 во ЦУК, вчера во почетокот на ноќта, конкретно 21.30 часот имаше пријава од рекреативен риболовец дека е забележано безживотно човечко тело на вливот на реката Тополка во река Вардар. Конкретно, тоа било во близина на мостот на околу петнаесетина метри од брегот на попречни шипки во речната надојдена вода.

Од Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш биле известени сите субјекти од Системот за управување со кризи за безживотното човечко тело за да се постапи според итниот случај (МВР, ДЗС, ТППЕ Велес, лицето за контакт во Општината Велес како и тимот спасители на вода од Доброволното друштво „Македонски спасител“, за безбедност на вода и планина од Велес). Но, истите не интервенираа вечерта заради опасноста, по учесниците во акцијата, од надојдената вода во Вардар и брзото речно корито. Акцијата координирана на терен од СВР Велес продолжи утрово.

Безживотното човечко телото е извлечено од речната вода денеска, по 10.00 часот, од страна на Единицата за специјални задачи при МВР, а потоа е идентификувано од страна на синот, којшто вчера во 08.30 часот во СВР Велес го пријавил за исчезнат неговиот татко.