Техничкиот министер за внатрешни работи и денеска го обвини неговиот претходник во МВР, Оливер Спасовски, дека е виновен за кризата со пасошите, а на новите обрасци, кои треба да пристигнат во март, нема да пишува „Северна“.

Премиерот на техничката влада Оливер Спасовски да свика владина седница на која ќе се реши проблемот со пасошите, бара техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев. Еден од начините како може да се надмине кризата, според него, е Владата да усвои методологија со која со печат и со испраќање нота до државите во светот ќе се пролонгира важењето на пасошите сè до моментот на пристигнување на нови патни исправи.

Чулев го обвини Спасовски, како негов претходник, за ситуацијата со пасошите.

„Јас сум министер еден месец и сите овие ситуации ги наследив како резултат на непланско, несовесно и нестручно работење на Оливер Спасовски, за што е извршена интерна истрага и произлезе кривична пријава“, рече министерот.

Тој потенцираше дека сега мора да се распише меѓународен тендер за 10-годишно решавање на проблемот со издавање лични документи. Уште еднаш повтори дека на 24 март или порано треба да пристигнат 100 илјади обрасци за пасоши, а другата пратка се очекува да пристигне септември или октомври годинава.

„Најверојатно, нема да бидат веднаш со новото уставно име на РС Македонија заради тоа што не се утврдени техничките спецификации околу изгледот на новата патна исправа и новите лични документи. Моментално работат работни групи од МВР и од компанијата ‘Веридос’ затоа што и тоа не е направено, склучуваме нов рамковен договор за две години со истата фирма, нарачуваме, а не се специфицирани изгледот и содржината на новите лични документи“, рече Чулев.

Извор: 360 степени