Епидемилогот Драган Даниловски бара медиумите да известуваат правилно околу заразените со Ковид-19, но и смртните случаи. Во однос на вчерашниот извештај на Институтот за јавно здравје за ковид-билансот во изминатата недела, докторот е дециден дека четири лица не починале од Ковид-19, туку починале со Ковид-19.

-Ова значи дека починале од некоја своја хронична болест (тоа е основната причина за смрт), а Ковид-19 бил само придружна (асоцирана) состојба (болест) која го забрзала настапувањето на смртта, посочува Даниловски, додавајќи дека Ковид-19 не смее да се наведе како „основна причина за смрт“, туку само како „асоцирана“ (придружна).

Епидемиологот во својот Фејсбук-статус исто така додава:

-Ниту еден од четирите починати минатата недела не умрел од Ковид-19! (Иако биле заразени!) Медиуми, портали, поединци и други, не вознемирувајте го народот со лажни вести! Намерно ли е тоа или од незнаење? Сменете ги насловите, „ако ви е вистината мила“!

Вчера од ИЈЗ соопштија дека тестирани се вкупно 285 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 36,5% во однос на минатата недела (n=449). Регистрирани сe 57 нови позитивни случаи, со намалување од 48,6% во однос на минатата недела (n=111). Процентот на позитивност се движи од 10,0% до 45,0%, просечно 20,9%.

-Во текот на минатата недела (09-15.09.2024) со статус „оздравени“ се стекнале 107 лица. Во текот на минатата недела (09-15.09.2024), пријавени се 4 починати лица асоцирани со КОВИД-19, од Скопје (2), Битола и Тетово. Сите починати лица се на возраст над 70 години, 3 од нив се починати во болнички услови, а кај 3 лица се регистрирани коморбидитети. Сите лица се невакцинирани против КОВИД-19, информираат од Институтот за јавно здравје во својот последен извештај.