Директорката на Клиниката за детски болести доктор Аспазија Софијанова за Слободен печат потврдува дека е зголемен бројот на деца заразени со сојот омикрон. Според неа, кога станува збор за најмладите, ако досега делта варијантата на коронавирусот претежно се манифестираше со гастроинтестинални симптоми, омикрон дава клиничка слика слична на грип.

– Не смееме да го потцениме омикрон. Станува збор за манифестации што се горнореспираторни, па ако има и опструктивно хронично белодробие, тогаш може да дојде до симнување на секретот и појава на бронхопневмонија. Болеста треба да се третира со претпазливост, особено ако станува збор за деца со хронично болно белодробие и со чести респираторни инфекции – ни рече доктор Софијанова.

Таа додава дека кај децата долгиот ковид е уште проблем и честа појава.

– Вчера имавме случај на дете што пред неколку месеци мислело дека има настинка, а сега има симптоми на слепо црево, повраќа и има антитела што се исклучително високи. Кај децата некогаш се случува да го поминат ковид и без да знаат, но потоа се појавуваат проблемите. Антителата по ковид и имунитетот што се создава, реагира побурно кај децата отколку кај возрасните. Самата реакција и создавањето имунитет создава бурни реакции – вели доктор Софијанова.

Од нејзиното учество на многубројни симпозиуми каде што се дискутира за ковид, омикрон и децата, таа вели дека ставот на искусните педијатри и носители на дејности во повеќе европски клиники, што се базира на клинички студии, е дека сите деца над 5 години треба да се вакцинираат и така полесно ќе го поминат омикрон.

– Генерално, децата полесно ќе го поминат ковид-19 ако се вакцинирани. За нив уште е енигма во постковид фазата, со создаден имунитет. Како ќе се манифестира омикрон, ќе зависи од имунолошкиот одговор на детето и антителата што ќе се создадат. Тешко е да се каже дали тие понатаму ќе направат проблем – додава доктор Софијанова.