Извесен Шаип Науф ал Салах, 36-годишен државјанин на Обединетите Арапски Емирати бил на листата од осум преживеани патници, која ја виделе роднините на преживеаните на листа која ја добиле во болницата во Софија. Тоа го тврди и синот на вториот возач на автобусот, исто така загинат, а и еден од преживеаните патници кој раскажал како го скршил стаклото на автобусот и рекол дека спасил осум лица, а не седум.

Бугарската обвинителка Сијка Милева на денешната прес конференција тоа не можеше да го потврди.

-Ние пронајдовме 44 трупа, а тој категорично изјави дека се спасени осум лица. Јас му реков вие сте седум во болницата. И тој категорично ми рече не, ние се спасивме осум лица. Во текот на истрагата, беа пронајдени 44 трупа. Според податоците со кои располагаме, патувале 52 лица, ние пронајдовме 44 тела, а се хоспитализирани седум лица-четворица мажи и три жени. Останува големата загатка, каде е осмото лице. Работиме на таа верзија, не сакаме да шириме дезинформации, може да се работи и за лошо сеќавање на сведокот, истакна Милева.

Дали се прекачил во друг автобус од четирите на туристичката фирма на некое од застанувањата по патот, се проверува од видео надзорот на тие места. Се проверуваат листите на патници дали некој кој бил во овој автобус на Капитан Андреево, ја напуштил границата со друг автобус.20 минути пред кобниот момент, патниците одмарале на бензинска станица и се проверува видео надзорот за да се утврди кој влегол во автобусот, а се проверуваат и документите од граничните пунктови каде е регистриран влезот на сите патници од автобусот кој се запали на автопатот „Струма“.

Репортерите на Бугарската национална телевизија го пронајдоа синот на вториот возач на автобусот, Кадрим Мемеди, кој во моментот на трагичната сообраќајна несреќа на автопатот „Струма“, како што тврди неговиот син, не возел, туку спиел во специјалната кабина за одмор на возачите, во средишниот дел на автобусот.

Бесар Мемеди за БНТ вели дека бил во Бугарија за да го препознае телото на неговиот татко, кое било пронајдено во кабината за спиење. Официјално, сè уште не е утврдено дали Мемеди управувал со автобусот.

Од списокот на преживеани во несреќата, според Бесар, има еден со име Шади Науф ал Салех, кој не е на списокот за патници на „Беса транс“. Бесар тврди дека во неговиот татко автобусот не дозволувал патници со опасен багаж- ниту со пиротехнички средства, ниту со гориво.

Според него, автобусот бил стар 3 години и технички исправен, а „Беса транс“ има сервис и во Турција. Неговиот татко во Турција заминал во четвртокот, а во петокот веќе пристигнал и се слушнал со синот.

Бесар за БНТ раскажува дека неговиот татко имал 54 години и над 20 години искуство како возач. Често патувал во Германија и Турција и ги знаел рутите.