Во денешното издание на “Отворено студио” на 24 телевизија, проф. Драган Даниловски, поранешен министер за здравство и епидемиолог, даде своја оценка за моменталната фаза на епидемијата во нашата држава:

“Ние и сите држави на Балканот успеавме да ја добиеме првата рунда. Сите прогнози покажуваат дека болеста стивнува, односно дека се намалува интензитетот на ширење” – истакна проф. Даниловски.

Во продолжение проф. Даниловски објасни дека ова секако значи понатамошно релаксирање на преземените рестриктивни мерки, но дека овој процес на олабавување мора да се одвива постепено и дискретно.

“Според бројот на хоспитализираните пациенти, здравствениот систем не беше оптоварен и целта практично е постигната, а целта на целата планета и беше да не се надмине капацитетот на здравствениот систем. Ние во тоа успеавме. Ние една мала, сиромашна држава успеавме да го направиме тоа без некакви посебни потреси, освен малку повеќе нервоза и негодување кај дел од популацијата затоа што рестрикциите си го прават своето. Она што значи објективен показател на состојбата со епидемијата не е само бројот на хоспитализираните бидејќи тоа е индиректен показател, но има нешто што е директен показател, а тоа т.н. R0 број, односно бројот кој доколку е помал од 1 значи дека нема услови за ширење на епидемијата на одредена заразна болест. Од 15 април наваму вредноста на R0 е некаде помеѓу 0,6 и 0,8. Тоа значи дека не постојат објективни нумерички докажани услови за епидемиско ширење. Ова е доволен аргумент или показател дека преземените рестрктивни мерки можат дискретно да се релаксираат затоа што вредноста на R0 под 1 многу лесно може повторно да отиде над 1” – објасни проф. Даниловски.