Како што наближуваат парламентарните избори закажани за 8 мај така станува се пораздвижено во партиските штабови, особено оние на големите политички партии.

Личниот рејтинг, посветеноста кон партијата, но и поставеноста, внатре во коалициите и тоа како ќе влијаат кој ќе се најде на листата за пратеници во некоја од шесте изборни единици.

Секој партиски функционер си има своја математика за претстојните избори, но освен да се биде на пратеничка листа, важно е и да се биде што погоре на гласачкото ливче за шансите да се стане пратеник бидат што поголеми.

Во опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ деновиве веќе излегуваат првични инфомарции за тоа кој ќе ги предводи изборните листи по изборни единици.

Во првата изборна единица почесното место е резервирано за шефот на партијата, Христијан Мицкоски информација што самиот тој ја потврди, а таму ќе се соочи со лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски кој исто така бил носител на листата на СДСМ и коалицијата.

Во втората изборна единица ВМРО-ДПМНЕ со носител најверојатно ќе оди со Владо Мисајловски, актуелен пратеник, поранешен министер и близок соработник на Мицкоски.

Во третата изборна единица носител најверојатно би бил Игор Јанушев иако се спомнува и името на пратеникот Драган Ковачки доколку не се случи своевидно изненадување тој да стане министер за внатрешни работи во преодната влада.

Четвртата изборна единица традиционално е резервирана за потпретседателот на партијата Александар Николовски, додека енигма е петтата изборна единица, а во „шестка“ листата би ја предводела Дафина Стојаноска.

Како што дознаваме, високи позиции на пратеничките листи ќе имаат доста актуелни пратеници како координаторот Никола Мицевски, Бојан Стојаноски, Ане Лашкоска, Антонијо Милошоски, Благица Ласовска, Ели Панова…

Ако овие информации се потврдат, тогаш пратеничките листи, особено носителите нема да бидат многу поразлични од оние на изборите во 2020, а меѓу 120те имиња ќе има и доста идентични и со пратеничките листи на изборите во 2016 година, последните парламентарни избори на кои Никола Груевски ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ.

Во владејачката СДСМ во тек е процесот на предлагање кандидати за пратеници по општински организации и сега за сега оттаму нема шпекулации за тоа кој се би бил носител, а фокусот во овој период е ставен на тоа како ќе се настапи на изборите, дали самостојно или со заеднички листи со ДУИ по што ќе зависи и како ќе изгледа редоследот на носителите и кандидатите за пратеници.

Извор: 24Инфо