Да се гради политика врз поделби е најлесната работа, големата работа е да се гради политика врз соработка меѓу политичките опоненти, вели професорот и прв министер за надворешни работи во независна Македонија.

Тоа мирно априлско утро, со ништо не навестуваше дека крајот од денот ќе заврши со тешка и крвава бура. Бидејќи, по „црниот понеделник“ (24-ти декември 2012 година), кога опозициските пратеници и новинарите насилно беа отстранети од собраниската сала, јавноста веруваше дека таков срамен и насилнички чин никогаш повеќе нема да се случи во македонското Собрание. Но, кога препораките за надминување на таквите состојби беа прогласени за „тоалетна хартија“, како да беше навестено дека не се исклучени „репризи“. За жал, тоа се потврди пет години подоцна, во уште потешка форма. По „црниот понеделник“, парламентот доживеа и „крвав четврток“. Сликите од кошмарот во храмот на демократијата – со насилство, со луѓе во фантомки кои спроведуваат „ред“ во законодавниот дом, со раскрвавени глави на пратеници, со искршен инвентар, со амбулантни возила и евакуација на пратениците, го обиколија светот вечерта на 27-ми април 2017 година. За ненаучените поуки од настаните кои оставија големи лузни во општеството, разговаравме со Денко Малески, професор и прв министер за надворешни работи во независна Македонија.

ДВ: Завчерашниот протест за „слобода за уставобранителите“ поддржан од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, покажа дека и ретките и штури осуди на насилството од 27-ми април од страна на нејзини партиски лица, практично биле хипокризија. Како е можно по четири годиниод тој срамен чин, сѐ уште да има обиди насилството да се „нострифицира“ како уставобранителство?

Денко Малевски: Генерално земено, тоа е можно во општество кое што не успева да апсолвира ниту една сериозна тема, па сѐ останува недоречено и отворено за дебата, во кое, не само што не се верува во правната држава, туку не се верува во ништо. Тоа е можно во општество во кое политичките партии се раководат од начелото „со пријателите и кога грешат, против непријателите и кога се во право“, во општество каде во отсуство на либерална интелигенција народот е оставен на милост и немилост на партија кој ја цеди и последната капка патриотизам за личен и политички ќар. Навистина, не знам на кого мислеа учесниците на протестот во недела, но уставобранители секако не беа тепачите кои го влечкаа полумртвото тело на пратеникот Зијадин Села низ коридорите на Собранието, ниту оние кои им ги кршеа главите на шефот на тогашната опозиција Зоран Заев и оние околу него. Можат ли партиите да се согласат  дека демократијата значи броење, а не кршење глави? Не можат. Меѓусебно ќе си ги кршат главите за власт, додека не научат подобро. Кога ќе научат никој не знае, затоа што си имаме работа со тврди глави и слаби ученици. Опцијата да останат без власт и привилегии е неприфатлива, па макар пропаднала и државата.

Целото интервју прочитајте го на Дојче Веле.