За приговорите на ВМРО-ДПМНЕ за неважечките ливчиња, според кои граѓаните во текот на кампањата биле наведувани да го пречкртаат „Северна“ на ливчињата за подоцна бидат прогласени како неважечки, претседателот на ДИК, Оливер Дерковски вели дека доколку имаат такви наводи тогаш треба да поднесат пријава до обвинителството.
„Рачното броење е направено, увидот во записникот број 16 е направен, меѓутоа просекот на неважечките ливчиња е ист како и на претходните избори“, изјави Дерковски.
Во приговорите на Алијанса/ Алтернатива во 61 од нив стои истото име на починат и истиот текст во образложението, вели Дерковски кој оценува дека тоа е несериозно однесување на политичка партија.
„Политичките партии треба сериозно да си ја сфатат работата или во иднина малку повеќе внимание да посветат на оваа постапка за да не им се случуваат вакви работи“, вели претседателот на ДИК.
Тој вели дека на минатите претседателски избори имале целосни приговори со приложени засписници и доказен материјал по кои ДИК постапил и отварал гласачки кутии за да ги преброи гласовите во нив, но на овие избори немало ниту еден таков приговор.