Три лица го загубија животот, а петмина се тешко повредени во сообраќајната несреќа која вчера попладне се случи на автопатот Скопје – Велес, пред тунелот кај Катланово.

Од МВР информираат дека несреќата се случила во 17:35 часот, патничко возило „форд транзит“ со скопски регистарски ознаки, управувано од О.Д.(32) од Велес, излетало од патот и се превртело.

-Од здобиените повреди на местото на несреќата починале сопатниците А.Н.(37), Ј.А.(47) и Д.Ц.(66), сите од Велес, а смрт констатирал лекар од итна медицинска помош. Додека, со тешки телесни повреди се здобил возачот О.Д. и сопатниците З.С.(59), В.З.(67), Н.Н.(33) и Б.П.(41), сите од Велес, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ во Скопје и Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, посочуваат од МВР.

Увид на местото на несреќата извршиле увидна екипа на СВР Скопје и јавен обвинител, по чија наредба телата на починатите биле предадени на обдукција.

Од Обвинителството вчера информираа дека на лице место повикан бил и сообраќаен вештак за утврдување на причините за несреќата.