Министерството за здравство информира дека во Република Северна Македонија, денеска е деректиран првиот случај на сојот Омикрон на вирусот SarsCoV2.

Секвенционирањето е направено во приватната болница Жан Митрев во Скопје, кај маж кој во земјава допатувал од Велика Британија. Станува збор за реинфекција, односно пациентот во јануари 2021 година ја имал прележано болеста и тогаш бил асимптоматски.

По прележувањето на болеста, пациентот примил две дози од вакцината Фајзер. По втор пат позитивен тест на Ковид 19 има од пред 2 дена, по што е потврдено дека е сојот Омикрон.
Во моментот пациентот има лесна клиничка слика и се лекува во изолација во својот дом.

Во последните 24 часа, се регистрирани нови 333 случаи на Ковид-19 од направени 3.511 тестирања. Пријавени се вкупно 11 починати, шест во изминатотот деноноќие и пет преку системот „Мој термин”. Евидентирани се и 311 оздравени пациенти, информира Министерството за здравство, согласно податоците од Институтот за јавно здравје.

во денешната ковид статистика во однос на починатите лица пронајдени од регистарот, пријавено е дете на една годишна возраст починато на 29.11.2021.

Како што наведуваат од ИЈЗ, според податоците добиени од Клиниката за детски болести, станува збор за дете кое престојува во дом за деца без родители во Битола. Истото, повеќекратно наназад било хоспитализирано на КДБ поради компликации во склоп на основните заболувања: Остеохондродисплазија, Епилепсија, Хидроцефалус, Малнутриција, Дилатациона кардиомиопатија.

-До денот на последната хоспитализација, детето е хоспитализирано во Клиничка болница Битола каде поради долнореспираторен инфект е лекувано од 15.11.2021 до 24.11.2021 кога поради влошување на општата состојба и добиен позитивен тест на Ковид – 19, е упатено во Иинститутот за белодробни заболувања кај деца Козле (ИБЗД). По аплицирана терапија и неможност да се одговори на тежината на клиничката слика на детето кое е со континуирано ниска кислородна сатурација од 64 проценти, а во претходен договор од ИБЗД Козле детето се префрла на Клиника за детски болести како институција од терцијарен карактер, за понатамошен третман и соодветно лекување. Интензивниот мониторинг и лекување на детето во единица ургентен центар кое од денот на прием е на механичка вентилација, се одвива од 24.11.2021 до 29.11.2021 година, кога и покрај сите превземени дејствија за лекување и реанимација, завршува летално, стои во соопштението од ИЈЗ.