Во вечерашното издание на “Топ тема” на Телма ТВ гостин беше министерот за надворешни работи Никола Димитров кој не го криеше задоволството дека после еден долг и мачен процес за добивање датум за пристапни преговори, нашата држава денеска конечно доби зелено светло да започне преговори за членство во ЕУ.

“Пред да тргнам кон Телма добив информација дека Европа во овој момент како иницијална помош ќе додели 69 милини евра, од кои 3 милиони евра директна буџетска поддршка, 50 милиони за економско опоравување, 4 милиони за најитни медицински потреби во борбата со коронавирусот и 12 милиони евра поддршка на мали и средни претпријатија. И ова е многу важна порака!” – обзнани министерот за надворешни работи Димитров.

“Тие денеска одлучија да ни ја отворат вратата. Првата меѓувладина конференција ќе значи започнување на пристапниот птоцес. Тогаш ние влегуваме во другата фаза. Меѓутоа, веќе нема политички пречки, сите држави кажаа да, дадоа зелено светло и немаме предуслови.

Ова е е една сериозно добра вест која сега ние не можеме да ја примиме како што треба бидејќи во моментов имаме поголема грижа. Со таа грижа ќе се справиме, но ова е процес што нас ни гарантира европска иднина.

Чесно е да се очекува ние да почнеме оваа година пристапни преговори со првата меѓувладина конференција. Би било добро ако успее Комисијата тоа да го направи во јуни, но непредвидливоста со коронавирсуст сепак влијае на датумот. Важно големата барикада е веќе зад нас!” – заклучи Димитров.