Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во вечерашното гостување во “Топ тема” на Телма ТВ запрашан да ги искоментира обвинувањата и тезите на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски дека Зоран Заев и СДСМ ја понижија, омаловажија и опустошија Македонија и дека по изборите владата на ВМРО-ДПМНЕ на “брза трака” ќе ја внесе државата во ЕУ, со коментар:
“Не можам, а да не се смешкам на овие тези без разлика колку сме ние навикнати да слушаме партиски соопштенија каде има зеленило, ама не во смисла на екологија туку во смисла на незрелост и тези што немаат елементарен допир со реалноста. Лидерот Мицкоски имаше изјава дека не се согласува со извештајот на Европската комисија објавен на 2 март. Ова доаѓа од човек кој не се согласува со Европската комисија. Тогаш не знам во која Европа ќе оди ДПМНЕ.
Второ, за една нација која што ќе се соочи со својот проблем, нашиот голем проблем поради којшто изгубивме генерации беше разликата со името со Грција. Треба многу љубов и доверба во сопствениот народ, во македонскиот народ и сите други сограѓани, да кажете ова мора да го решиме за да тргнеме напред, притоа ќе најдеме начин да го заштитиме тоа што ни е најважно. Кој е стравот од додавката кон името Македонија. Стравот е околу зачувувањето на идентитетот. Ние после Преспанскиот договор за првпат имаме билатерален договор со Грција потпишан на македонски јазик.
Мене ми е жал што таа реторика сèуште постои. Поминаа години веќе, работата е завршена, уште има обиди да се чепне таму каде што можеби кај некои луѓе сèуште боли. Од луѓе коишто изградија едно чудо споменици за да го зацврстат идентитетот, ама во многу погрешен век, кај луѓе што ја изгубија препораката од Европската комисија која што во 2015/16 нè дефинира како заробена држава. Затоа нивното не соодветствува со ова што Европа го кажува. ДПМНЕ ќе мора да се престрои и да игра на други карти. Тоа е нивна работа и нивен избор. Ама мислам дека е многу тешко да велите ние исто така ќе одиме кон ЕУ ама сè што ЕУ кажува немојте да верувате.
А, ЕУ го пофали лидерството, изрази голема почит за Преспанскиот договор, кажа дека реформите ни се опипливи и одржливи и еве сега ни ја отвора врата.” – истакна Димитров.