Можеби не бевме идеални на секое поле, правевме и грешки, но државата застана на нозе и направи големи чекори напред, вели министерот за надворешни работи и носител на пратеничката листа на СДСМ во првата изборна единица, Никола Димитров, во мини-интервју за најновиот број на неделникот Фокус.
-Меѓу назад кон слепата улица и напред кон успешна европска демократија мислам дека изборот на граѓаните не е тежок. Поразот на опозицијата ќе биде добра работа не само за државата туку и за самите нив – дека се нужни длабоки реформи во нивната матрица. Македонската демократија денес по сите извештаи е неспоредливо послободна од времето на нашите претходници. Од состојба на страв од власта, сега власта го слуша гласот на народот. Се зачленивме во НАТО, удирајќи печат на нашите граници, ставајќи точка на неизвесноста. Добивме зелено светло од ЕУ. Притоа, го афирмиравме македонскиот идентитет и го потпишавме првиот договор со Грција на македонски јазик. Од минус економијата отиде во плус. Рекордни странски инвестиции, поголеми плати, помалку невработени. Во првата изборна единица победата ќе биде особено убедлива. Гласачите бараат правда и функционални институции, чист воздух, добри училишта и добро здравство. Бараат повеќе. За жал, на овие избори коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ е единствената опција која воопшто нуди надеж – вели Димитров.
Целата сторија во која се обработуваат првата и втората изборна единица прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.