Запрашан какви проблеми се очекуваат со градинарските производи во периодот којшто следи, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во техничката Влада, Трајан Димковски, во емисијата “Топ тема” на Телма телевизија со оценка:
“Сега настапува градинарството за свежа консумација кое е со краток рок. Знаеме што се случува со зелката која е број еден од свежите градинарски производи и има поголем извоз од доматите. Зелката може да ја имаме 12 месеци годишно од индивидуалните земјоделци, додека производството на домати сепак е сезонско. Во моментот можеме да споредиме и да кажеме дека извозот на зелка количински е многу поголем од минатата година, ако минатата се извезени 37 милиони килограми зелка до април, оваа година имаме околу 44 милиони килограми. Но, жално е што имаме помалку извоз во пари, односно минатата година имало 17 милиони евра извоз во пари, а досега имаме 11 милиони евра. Ако можеме да кажеме дека во моментов сум од некого изиритиран тоа се трговците бидејќи имавме средба на нивно барање и се договоривме дека може да се одржи цената, односно самите помеѓу себе да не се натпреваруваат. Трговците одат со негативно наддавање за да го земат клиентот во некоја европска држава. Тука настанува проблемот, така ја спуштаат цената. Треба сите да нудат една цена, трговците мора да заборават на негативното наддавање” – порача Димковски.
Во однос на интервентната мерка за зелката која токму денес беше донесена од страна на Владата, министерот со коментар:
“Не можете вие на почеток на берба да носите интервентни мерки за заштита на производството. Денеска Владата донесе одлука каде со дополнителни 3 денари по килограм продадена зелка ќе бидат досубвенционирани земјоделците коишто имаат пријавени земјоделски површини со зелка. Но, само да напоменеме дека по основната мерка по хектар земјоделците имаат 30 000 денари субвенција. Ова е нешто дополнително и тоа е просторот каде ние можеме да интервенираме.
Наш приоритет е да делуваме како Влада во оваа пазарна економија со еден вид вакви субвенционирања на примарно производство сè со цел да се покрие производната цена, земјоделците да не направат загуби, а тоа се нивните вложени пари внесени во самото производство. А, профитот е нешто друго, кога може да се направи е во ред, кога тоа не е можно министерството излегува со интервентни мерки и ова ни е веќе втора интервентна мерка” – истакна министерот Димковски.