„Господине Спасовски, функцијата технички премиер не е за честитање, но друго е за честитање, бидејќи откако ќе ги изгубите изборите, ќе ви се отвари патот за претседател на СДСМ“. Ова на денешната собраниска седница за избор на влада на техничкиот премиер Оливер Спасовски му го порача пратеникот Илија Димовски.

-Како дојдовте, така ќе си одите. Дојдовте со техничка влада, со техничка влада и ќе си одите, рече Димовски.

Тој ги критикуваше и реформите со кои претходно се пофали Спасовски.

-ОТА ви е тотално нефункционална, а АНБ ја претворивте во партиско дувло, рече Димовски.

Тој продолжи со критиките за досегашната работа на Владата.

-Широка распространета дрога, нерешени убиства, избегани убијци, нарачани судски постапки директно од министри во владата, уцени на политички неистомисленици, разрешени 7 главни уредници на значајни медиуми… За рекетирање на бизнисмени не ни сакам да зборувам, за тоа јавноста многу знае а и допрва ќе зборувам, рече Димовски.

Тој рече дека ќе им честита само на двајцата министри предложени од ВМРО-ДПМНЕ, кои според своите биографии можеле да се носат  „барабар“со целата влада.

-Господине Спасовски, гледам љубите реплики од филмови, па ќе ве упатам да погледнете еден српски филм, „Сенки над Балканот“. Такво е вашето владеење, заврши Димовски.