Денеска, директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, оствари работна средба со делегација на романската полиција, предводена од генералниот инспектор Беноне Маријан Матеи и полицискиот аташе Мариус Иоргулеску. На средбата беше потенцирана успешната соработка на двете полиции, при што беа разгледани можностите за нејзино продлабочување, како и отворање нови начини на комуникација.

Од страна на генералниот инспектор Матеи беше потенцирано успешното справување на македонската полиција со секојдневните предизвици поврзани со миграцијата посочувајќи дека искуствата стекнати во изминатите години треба да бидат ценети од сите во Европската Унија, при што искажа уверување дека овие искуства може да бидат споделени со полициските службеници во Романија. Воедно, генералниот инспектор Матеи го покани директорот на Бирото за јавна безбедност, Тасевски, да оствари посета на Романија со цел утврдување на темите од заеднички интерес.

Директорот Тасевски изрази подготвеност за споделување на искуствата што граничната полиција ги има стекнато, соработката меѓу македонската и романската полиција да се одржува на високо ниво и констатира дека новите форми на криминал бараат континуирана соработка заснована на меѓусебна доверба.