Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди по извршени соодветни проверки утврдил дека полицискиот службеник З.Р., самостоен инспектор во ОКР Карпош, постапил спротивно на Упатството за користење на социјални мрежи, при што го нарушил угледот на Министерството за внатрешни работи.
Од МВР вечерва соопштија дека Одделот за внатрешна контрола утврдил дека инспекторот З.Р. објавил видео на осуми месецов во 20,20 часот со вклучување во живо на својот фејсбук профил, додека се враќал од работа кон дома движејќи се по бул. „Партизански одреди“. Од увидот во распоредот за работа во ОКР Карпош утврдено е дека З.Р. тој ден бил работно ангажиран до 20 часот.
-Против З.Р. ќе биде поведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност за постапување спротивно на Упатството за користење на социјални мрежи, како и за рушење на угледот на МВР, стои во соопштението. Апелираме, граѓаните и полициските службеници да бидат крајно внимателни со содржините и објавите на социјалните мрежи, да ги почитуваат законските прописи и да се придржуваат кон мерките и одлуките на Владата, стои во соопштението.