Проф. д-р Дејан Докиќ, директор на Клиниката за пулмологија, во денешното интервју во рамки на “Отворено студио” на 24 ТВ, даде свое толкување на статистичките податоци за стапката на смртност од Ковид-19 во земјава која во моментов изнесува 4,46% на 1 милион жители:

“Сакам да кажам дека Кина објави дека смртноста е околу 4%, некои земји објавуваат многу поголема смртност како на пример Шпанија и Италија, а во некои земји ќе видите многу помала смртност. Овие податоци мора да се толкуваат со огромна претпазливост. Ние во моментов се наоѓаме во рамките на некој просек. Резултатите од Кина според Дебора Брикс, раководител на Комитетот за борба против Ковид-19 во Белата куќа, се изразува сомневање во точноста на резултатите објавени од Кина заради тоа што тоа е релативно мал бројот на смртни случаи, додека пак разузнавачките податоци говорат за функционирањето и работата на крематориумот во Вухан каде според нивни проценки има најмалку 20 000 жртви, а според некои проценки дури и 40 000 смртни случаи. Значи земјите селективно објавуваат податоци. Сметам дека ние се наоѓаме во некоја дозволена граница којашто не е сèуште толку сериозна и не би требало толку да ни предизвикува страв” – објасни проф. Докиќ.

Запрашан дали очекува енормно зголемување на бројот на заболени и бројот на смртни случаи по примерот на Италија и Шпанија за време на пикот кој се очекува кон крајот на месецов, проф. Докиќ со следниот став:

“Не очекувам таков пик. Пик во превод значи врв. Во популација каде е незаштитено населението и не се преземаат мерки има стрмоглаво качување на бројот на заразени пациенти, а како последица на тоа и огромен број на случаи кои бараат хоспитализација, па следствено и смртни случаи. Тоа не е случај кај нас бидејќи кај нас беа преземени мерки кои овој пик ќе го обезглават . Пикот ќе биде повеќе едно ритче, а нема да биде стрмна, висока планина и не очекувам којзнае каков енормен број на пациенти, тој постепено ќе расте бидејќи кривата линеарно расте што значи дека тој врв ќе биде затапен врв кој нема да го закочи здравствениот систем” – заклучи проф. Докиќ.