Докторот Азиз Бајрами кој е специјалист инфектолог во кумановската болница е еден од новозаразените од коронавирусот. Тој бил во контакт со починатата жена од Куманово, која на која посмртно тестирањата покажаа дека го имала вирусот во себе. Од доктор Бајрами е земен брис по скринингот кој го направил Институтот за јавно здравје. Тој за „А1он“ вели дека непријатно ја доживеал веста дека неговиот тест за коронавирус е позитивен, но вели дека е во добра здравствена состојба, со лесна клиничка слика.

„Непријатно беше чувството кога ми кажаа дека имам коронавирус. Членовите на моето семејство се добри, но се загрижени за мене. Тие не се тестирани. Од денес и во наредните 14 дена трае инкубацијата, односно изолацијата. Во семејството немам ризична категорија на луѓе според листата на СЗО“, вели доктор Бајрами за „А1он“.

Тој посочува дека во изминатиот период имал контакти само со неговите колеги и неговото семејство, бидејќи се движел на релација работа-дома. Запрашан дали знае како заразил од коронавирусот, тој вели „времето ќе покаже“. Бајрами вели дека не секоја маска штити од вирусот.