На Гинеколошко-акушерска клиника (ГАК) во саботата била примена родилка (родена во 1992 година), која се претставила како лекарка и која сокрила дека нејзиниот свекор, со кого живеат во иста куќа, е позитивен на Ковид-19. Родилката не дозволила да ѝ сe земе брис за тестирање. Таа самоволно ја напуштила клиниката и заминала во „Ремедика“, каде што се породила со царски рез. И во „Ремедика“ сокрила дека доаѓа од семејство со заразен од Ковид-19. Таму при прием ѝ е земен брис, но позитивниот резултат на тестот дошол откако се породила. Веднаш била испратена на Инфективна клиника, а седум вработени во „Ремедика“ биле ставени во самоизолација.

Докторот кој ја породи се тестираше и испадна позитивен на Корона-19. Редакцијата на „Фронтлајн“ го контактираше докторот, кој нѝ изјави: „Не сум толку гневен на пациентката бидејќи секој си бара решение. Ќе лаже, ќе манипулира, сè ќе направи. Меѓутоа, во време на пандемија, во вонредни услови, некои права се суспендираат. Такво е и правото на користење здравствени услуги, да се прави избор. Со владина уредба сега изборот нѝ е малку поинаков. Ако со владина уредба таа институција е одредена за третман на трудници со Ковид, како ја пуштаат, каде ја пуштаат, каде, во Кожна клиника?! Четири куќи се во Скопје кои се бават со гинекологија. Зарем не требаше, од колегијалност, од етички причини, да се сврти телефонот кај останатите три гинекологии и да се каже – колеги, таа и таа излезе од кај нас, вардете се, ќе ве лаже и вас, што, всушност, и се случи.

Не ми е јасна постапката на колегите од ГАК. Во ГАК и даваат за право да потпише некоја изјава, која, патем, сега веќе ја нема, и да си замине од болницата. Е па, не може така! Не по 160, по 1.600 заразени на ден ќе има, ако вака постапуваме. Не можам да ги сфатам моите драги колеги, кои во оваа ситуација имаа шанса да нѐ заштитат нас, а тоа не го направија. Ги потенцирам овие пропусти во комуникацијата меѓу болниците и лекарите, пропусти кои земаат свој данок. Не ми е целта сега да оцрнам или обвинам некого, туку ова го кажувам за да не се повтори“ – вели докторот, заклучувајќи – „Свеста е многу дискутабилна категорија. Кога ја немаме ние интелектуалците, ако можам така да нѐ наречам, што да очекуваме од другиот дел од населението? Со сета почит кон сите, не сакам да ги делам луѓето на образовани или необразовани, меѓутоа, кога еден дел од нашето население за кое можам да кажам дека се интелектуалци вака постапуваат, што останува за другиот дел?“

Според докторот, „некој треба јасно да каже дека сите суспектни или позитивни на коронавирусот одат во ГАК. Да има комуникација меѓу куќите, да се соработува во смисла на тоа да се чуваме еден со друг. Да има санкции за оние кои манипулираат доктори. Колегите во Чаир и во ГАК не се заразени од непочитување на правилата, туку затоа што дошла некоја ваква, лажела, лажела, и толку.“

На прашањето како се чувствува, тој одговори: „Сега-засега сум добар, но не е баш пријатно ова исчекување, не е воопшто пријатно. Јас сум свесен дека во оваа професија може ова да ми се случи. Меѓутоа, зошто е должно моето семејство да го трпи ова? Која е нивната грешка?“

Извор: Фронтлајн