На 29 октомври лани во присуство на премиерот Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Галаб Донев кај местото Шупли Камен во близина на Куманово официјално беше означено продолжувањето на изградбата на пругата кон Бугарија, на која претходно немаше градежни активности од јуни 2020 година.
По двегодишни подготовки на документација и избор на изведувачи на терен се работи на првите две од трите проектирани делници на источното крило на железничкиот Коридор 8, во вкупна должина од 88,2 километри (од Куманово до Бељаковце – 31 километар, од Бељаковце до Крива Паланка – 34 и од Крива Паланка до граница со Бугарија – 24 километри).
Договорите со новите изведувачи беа потпишани во јули лани, со „Штрабаг” за продолжување и изградба на првата делница од Куманово до Бељаковце во вредност од 40,5 милиони евра, и со „Ѓулермак”, кои со 155 милиони евра треба да работат на втората делница. На првата фаза од пругата се изградени 54 проценти, а остатокот треба да се заврши за година и половина до две години. За 34-те километри од втората фаза рокот е три години. За третата делница во тек е подготовка на тендерската документација, а проценетата вредност за 24-те планирани километри, изнесува 405 милиони евра. Плановите на домашните институции се источното железничко крило на Коридорот 8 да го завршиме до 2027 година, а западното каде треба да има пруга од Кичево до Лин, до 2030 година.
За железницата во рамки на Коридорот 8, со Буџетот на Министерството за транспорт и врски се предвидени 33 милиони евра.
Крајот на 2023-та краен рок за изградба на автопатот Кичево – Охрид
За 2022 година беше ветено дека ќе бидат пуштени во употреба првите 20 километри од автопатот во изградба Кичево-Охрид. Фактичката состојба на терен покажува е дека е завршена и пуштена за сообраќај под времен режим десната автопатска лента од Требениште кон Охрид, освен кај Подмоље каде се одвиваат градежни работи за колекторскиот систем. Власта уверува дека овојпат ќе се испочитува рокот за завршување на изградбата на автопатот, почнат пред шест години, со финансиска конструкција од 598 милион и евра. Очекуваат годинава да заврши изградбата и како што најави премиерот Димитар Ковачевски веќе во јануари 2024 година да се вози по автопатот.
На терен има активности и за изградбата на автопатска делница Скопје – Блаце, но се уште во прва фаза на првите два километра.
Втора среќа за избор на надзор за автопатите што ќе ги гради „Бехтел и Енка”
Годината што измина ја одбележа и изборот на правен надзор и консултант за изградбата на автопатите што ќе ги гради „Бехтел и Енка”. Првата постапка беше поништена во август откако избраниот понудувач во предвидениот рок не ја обезбеди банкарската гаранција за навремено и квалитено извршување на договорот. Во септември беше објавен нов тендер, а по заокружувањето на тендерските процедури во декмеври беше објавено дека е избрана компанијата IRD ENGINEERING”, но на постапката беа доставени две жалби.
Избраниот надзор и правен трансакциски советник ќе биде ангажиран за изградбата на автопатите на Коридор 8 и Коридор 10-д (делниците Гостивар – Кичево, автопатот Тетово – Гостивар, автопатот Требениште – Струга – Ќафасан и на автопатот Прилеп – Битола).
За изградбата на автопатите на Коридорот 8, во Буџетот за годинава се предвидени 244 милиони евра.
Работата на терен, според очекувањата на властите, реално би започнала напролет следната година, а првичните планови беа за средината на минатата година.
Во делот на изградбата на експресните патишта, досега се завршени Штип – Радовиш, како и Штип – Кочани, откако на крајот на минатата година беше пуштена во употреба и втората делница Крупиште – Кочани, во должина од 13,7 километри во вредност од 18,2 милиони евра. Првата фаза од изградбата беше заокружена во 2020 година со завршување на делницата од Штип до Крупиште со должина од 14,3 километри и вредност од 28,5 милиони евра.
Во тек е изградбата на експресните патишта Градско – Дреново, Дреново – Фариш и Ранковце – Крива Паланка, како и третата лента на патот Паланка-Деве Баир.
За вложување во инфраструктура во Буџетот на Министерството за транспорт и врски за годинава вкупно се предвидени 324 милиони евра, што е зголемување за 135 проценти во однос на 2022 година.