Партиите на Албанците, и од власта и од опозицијата, реагираат на однесувањето на техничката министерка за труд и социјала Рашела Мизрахи и на нејзината одлука и натаму јавно да настапува пред табла на која не го пишува уставното име на државата, а и тоа е испишано само на македонски и на англиски јазик.
Тие бараат сите функционери да ги почитуваат Уставот и законите и да не предизвикуваат тензии кои може да имаат негативни импликации врз евроатлантските перспективи на Северна Македонија.
Од Алијансата за Албанците побараа таа да биде разрешена бидејќи го крши Уставот и поттикнува говор на омраза. За нив, таа се однесува непристојно и навредливо и мора да сноси одговорност.
„Зборот министер значи слуга и со оглед на тоа секој министер доаѓа на таа позиција да му служи на народот. Тој мора да се однесува согласно обврската што ја презема од моментот на назначување. Алијансата за Албанците остро реагира на однесувањето на техничката министерка која директно ги крши Уставот и Законот за јазиците. Меѓу другото, кога се нуди да ја плати казната за сторениот прекршок, и тоа со парите на Министерството, таа најверојатно заборава дека буџетот на тоа министерство го полнат и даночните обврзници Албанци, чиј јазик таа го негира“, велат од Алијанса за Албанците.
Претставниците на движењето Беса сметаат дека министерката Мизрахи го прекршува Уставот на Северна Македонија, иако пред него се заколнала дека совесно ќе ја врши функцијата. Од партијата на Билал Касами велат дека наскоро ќе организираат активности преку младинскиот партиски форум за овој став да ѝ го пренесат и на министерката.
„Меѓународниот договор од Преспа и Законот за јазиците се реалност која секоја партија треба да ги прифати и да ги почитува заради процесите и иднината на државата. Секое враќање назад ќе им наштети на целокупните односи во државата. Ја охрабруваме министерката Мизрахи да ги почитува Уставот и законите пред кои дала свечена заклетва“. велат од Беса.
Од Алтернатива велат дека е нечесно, а прераснува во правило, македонските партии да водат меѓусебна политичка битка на грбот на Албанците и на албанскиот јазик. Бараат таа кривично да одговара.
„Нема сомнение дека оваа антиалбанска практика за поттикнување омраза ќе заврши на 12 април и еднаш и засекогаш работи ќе дојдат на вистинското место. Очекуваме надлежните органи да преземат правна постапка против министерката за кривично дело, како и за поттикнување омраза на национална основа“. велат од Алтернатива.
„360 степени“ побара став и од Бујар Османи од владејачката ДУИ. Но, тој наместо како партиски кадар, реши да одговори од име Секретаријатот за европски прашања. По средбата со грчкиот амбасадор Димитрис Јанакакис, Османи преку писмено соопштение на СЕП повика на целосно почитување на Уставот, законот и ратификуваните договори.
„Почитувањето и доследното спроведување на Законот за употреба на јазиците, Договорот од Преспа, не само што претставуваат законски обврски, туку се во основа и на остварување на европските и евроатлантските интеграции на земјава“. рекол Османи коментирајќи ги последните случувања предизвикани од техничката министерка за труд Мизрахи.
Извор: 360 степени