Полициски службеници од СВР Тетово го лишија од слобода И.И. на возраст околу 60 години, од тетовското село Челопек, соопшти МВР.

Полицијата постапила по пријава дека вчера околу 14 часот и 10 минути со огнено оружје во тетовското село Челопек тој усмртил двајца негови роднини, а еден повредил.

Осомничениот, кој, исто така, се здобил со повреди, најверојатно од огнено оружје, е приведен во полициска станица и се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопштија надлежните.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека е информиран за настанот и дека според првичните сознанија станува збор за нерасчистени имотни односи во едно семејство и најави наскоро детални информации за настанот.