Денес се навршува една година од убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје.

Во тек е судскиот процес, кој треба да даде одговори на клучното прашање зошто девојчето беше убиено, и кој се’ стои зад злосторството кое ја вознемири јавноста.

Првообвинет за убиство и грабнувањето е Љупчо Палевски Палчо, а на обвинителската клупа седат и Влатко Кешишев, Велибор Манев и Боре Видоевски, како и Александар Ѓорчевски, таткото на Вања.

Според обвинението, Вања беше киднапирана на 27 ноември 2023 година од влезот на нејзината зграда, а потоа убиена.

Во обвинението се наведува дека на 27.11.2023, обвинетите, помогнати од обвинет родител, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата Наум Наумовски-Борче во Скопје. Ја врзале и ја однеле во близина на местото наречено Дупки, во атарот на селото Бразда, па таму на свиреп начин со умисла го лишиле од живот малолетното лице.

Обдукцијата покажала дека Вања во десната хемисфера од мозокот имала рана и огнострелен канал од 34 сантиметри кој минувал низ вратот до четвртиот пршлен.

Обвинителите пред два дена соопштија дека имаат материјални докази оти Љупчо Палевски-Палчо е сторител на убиството на Вања и на велешанецот Панче Жежовски.

На рочиштето завчера, обвинетиот Влатко Кешишев го повлече својот писмен исказ доставен минатата недела. Според неговите тврдења, тој бил принуден од првообвинетиот Љупчо Палевски да ја напише изјавата.

„Тоа не беше моја изјава. Ми беше даден текст од Палевски, кој побара да го напишам со свој ракопис. Тоа го сторив бидејќи се плашев од него,“ рече Кешишев пред судот.

Во претходната изјава, сега повлечена, беше наведено дека Љупчо Палевски не бил присутен во времето кога се случило убиството на Вања.