За струшката литија треба прекршочно и кривично да одговараат и организаторите и надлежните во МВР – од локални началници, командири и секој полицаец поединечно кој го обезбедувал настанот, тврдат за Телма безбедносни експерти, низ темелна анализа на прописите за делување на полицијата и уредбите за забрана на јавни собири во време на пандемија. Полицијата морала да ја спречи литијата, бидејќи не е верски обред туку јавен собир – велат тие – а тоа во време на пандемија е забрането.
На МВР не му треба ниту многу време, ниту преголеми анализи за да ги санкционира одговорните за литијата на 7 Мај во Струга. Полицијата морала да ја спречи литијата, бидејќи е верски обред на јавно место, а со тоа е и јавен собир – што во време на пандемија е забрането, со што полцијата им овозможоила на верските лица да сторат кривични дела според член 205 и 206 за непочитување на прописи во време на вонредна сстојба, а локалните полициски власти и полицајците ангажирани да го обезбедуваат настанот треба да одговараат и кривично – за Злоуотреба на службената положба и овластување, но и дисциплински, тврдат за Телма, безбедносни експерти добро упатени во законските прописи и интерните процедури за делување на полицијата, кои инситираат на анинимност.
Низ темелна анализа на уставните одредби за положбата на МПЦ, Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, Законот за Јавни собири, Уредбата со законска сила за негова суспензија и Правилникот за постапување на полицијата, тие ги предочија сите направени прекршоци и од организаторите и од полицијата со нејзиното постапување спротивно на законите.
Организаторите, според нашиот соговорник, со одржувањето на литијата треба кривично да одговараат за прекршување на Уредбата за забрана за јавни собири во време на вонредна состојба, со која тие се целосно забранети, како и на забраната за за собирање во група поголема од две лица, во паркови и на други јавни места и површини.
Црквата би можела да се обиде да негира дека станува збор за јавен собир, повикувајќи се на соопштението објавено од Бигорскиот манастир, дека процесијата ќе се изведува само со свештени лица, без присуство на верници. Но според нашиот соговорник, токму со тоа соопштение Црквата најавува намера да го прекрши законот, вели нашиот соговорник:
„Според член 18 од Закон за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група религиозниот култ се врши во верски објект , но може да се врши и да се практикува и во други простории и јавни места. Според членот 2 од Законот за јавните собири,пак, не се сметат за јавни собири само верските обреди што се одржуваат во простории наменети за верски цели. Но, секое напуштање на верскиот храм за практикување на верски обред, освен погребни поворки, се смета за јавен собир. Литијата во Струга – извршена е надвор од простории наменети за верски цели, односно на јавно место, со повеќе од 20 луѓе, а тоа според Уредбата на Владата со законска сила од 20 Март е забрането“.
Оттука произлегува и одговорноста и низата прекршувања на законото од стран на полицијата, оценува нашиот соговорник.
Иако струшкото Јавно обвинителсто вели дека ќе истражува дали настанот бил пријавен или не, според нашиот соговорник, од петочното соопштение на МВР јасно е наведено дека : на 04 Мај “началникот на ОВР Струга, заедно со други претставници од полициската станица, одржуваат работен состанок со старешината на црквата „Св.Ѓорѓи“ во Струга“.
Се што направила полицијата од моментот кога е одржан разговорот со старешината спротивно на Законот, тврди нашиот извор:
„На таа средба, началникот на ОВР Струга, наместо да го запознае старешината на Црквата дека одржувањето на литијата е забрането, и наместо да да го спречи идниот јавен собир, тој само ја нагласил потребата од доследно и дисциплинирано придржување до здравствените мерки. Со тоа, со неизвршување на својата службена должност, Началникот на ОВР Струга , Командирот на Полициската станица во Струга, како и начачалникот на СВР Охрид, како директен претпоставен сториле кривично дело Злоуотреба на службената положба и овластување – Член 353 од Кривичниот законик. Дополнително, наместо да ја спречат литијата, на што ги обврзуваат важечките прописи, ОВР Струга , според Соопштението на МВР , изготвува и оперативен план за покривање на настанот. И самото изготвување на таков план е спртивно на Правилникот за вршење на полициски работи, бидејќи јавни собири не се дозволени“.
Но непрофесионалното постапување на МВР, според нашиот соговорник, не завршува тука.
Од МВР соопштија дека имало обид да се спречи вклучување на граѓаните во поворката, но наишле на вербални реакции и дека процениле дека „таа појава не било возможно целосно да се спречи со поригорозна полициска интервенција поради можноста од пожестока реакција на верниците и ескалација на ситуацијата“.
Но тоа, не ја амнестира полицијата од одговорност. Бидејќи, според членот 4 од Законот за јавни собири, организаторот е должен да го прекине одржувањето на јавниот собир, ако дојде до загрозување на животот и здравјето, безбедноста и личната сигурност на луѓето и имотот. А дополнително, во член 6 од истиот закон стои дека Министерството за внатрешни работи ќе го прекине одржувањето на јавен собир во случаите кога истиот е насочен кон загрозување на животот, здравјето, безбедноста, личната сигурност и имотот на граѓаните.
Со непрекинување на јавниот собир МВР, вели нашиот соговорник, директно овозможува прекршоци по три основи: забрана за јавни собири; забрана за собирање во група поголема од две лица, во паркови и на други јавни места и површини; и носење на лична заштитна опрема на лицето при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и извршување на кривични дела од член 205 и член 206.
„Со ваквото непостапување, секој од полициските службеници кои се ангажирани за обезбедување на јавниот собир со неизвршување на својата службена должност, сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување – Член 353 од КЗ. Покрај кривична одговорност, полициските службеници и раководителите треба да сносат и дисциплинска одговорност според Член 187 – Потешки случаи на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски од Законот за внатрешни работи, поради неизвршување или несовесно и ненавремено извршување на работните обврски“ – категоричен е нашиот соговорник.
Одговоноста на министерот, пак, според истиот извор, произлегува од три члена од Законот за полиција, бидејќи во струшкиот случај не е спречен јавнен собир кој никако не смеел да се одржи и со тоа, ниту е остварена основната функција на полицијата, ниту правилно се извршени полициските работи.
Извор: Телма