Филипче не потсети дека од денес се казнува непочитување на Уредбата за носење на заштитна опрема.
Во многу земји постепено се укинуваат мерките по првиот бран од коронавирусот, но носењето маски ќе биде законски задолжително. Слична е ситуацијата и кај нас, а кој нема да го почитува ова правило ќе плати казна.
Впрочем за ова денес се огласи и министерот за здравство, Венко Филипче, кој преку својот профил на Фејсбук потсети дека од денеска (1 мај) ќе се казнува секој граѓанин кој нема да носи заштитна опрема за спречување на ширењето на корона вирусот. Тој меѓу другото истакна и во кои случаи заштитната опрема нема да биде задолжителна.
Имено, како што напиша тој на својот профил на Фејсбук, заштитна опрема не е задолжителна за граѓаните кои престојуваат во двор на станбена семејна куќа, возат велосипед или спортуваат на отворено, (но со задолжително одржување на дистанца од два метри растојание), ако патуваат во моторно возило со лица кои заедно живеат, како и ако се наоѓаат на отворено каде може да одржуваат дистанца од два метри.
Еве во кои случаи е задолжително:
Задолжителното е носење заштитна опрема (маска, марама или шал) на устата и носот, во сите јавни објекти како државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, јавен превоз, чекални, здравствени институции и слично.
Носењето на заштитна опрема е задолжително и на отворени простори, секогаш кога не може да се одржува минимална дистанца од два метри меѓу граѓаните.