Бугарскиот портал Фактор.бг во коментар реагира на предизборните најави на ВМРО-ДПМНЕ дека, доколку дојде на власт, ќе прифати внесување на Бугарите во македонскиот устав, но со одложена примена – по влезот на Македонија во ЕУ. Ваквата веќе официјална програмска определба на партијата неодамна ја промовираше потпретседателот на партијата Тимчо Муцунски, кој притоа порача дека „доаѓа крај на попустлива надворешна политика“.

„Тврдењето на потпретседателот на македонската ВМРО-ДПМНЕ дека е можно да се смени преговарачката рамка меѓу Скопје и ЕУ за да се одложи вклучувањето на Бугарите во Уставот на земјата и натаму останува без реакција од бугарската држава и политичките партии: ниту Министерството за надворешни работи, ниту претседателството реагираат на неодреденото одложување на промената, без која РСМ не би требало да може да ги продолжи преговорите за членство во ЕУ“,се наведува во коментарот на бугарски „Фактор“.

Според „Фактор“, станува збор за „предизборна манипулација направена од Муцунски, кој изјави дека одложеното спроведување на уставните измени е легитимна алтернатива што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ“.

„Истовремено, од наша страна ќе бараме гаранции за македонскиот идентитет, јазик, но и гаранции дека нема да има билатерализација на европската интеграција“,го цитира „Фактор“ Муцунски, коментирајќи дека ова е навестување дека Бугарија нема да има право да ги штити своите интереси во текот на македонската интеграција.

Тој (Муцунски) нагласи, додава „Фактор“, дека „ставот на ВМРО-ДПМНЕ за спорот со Бугарија е јасен, а тој е дека нема да има уставни измени во сегашните политички услови“.

„Фактор.бг потсетува дека ниту една идна влада на РСМ, ниту нова бугарска влада би можеле да ја сменат преговарачката рамка со ЕУ, во која беше вклучен таканаречениот француски предлог со вклучување на македонските Бугари во Уставот на земјата и таквите изјави се едноставно предизборни манипулации со цел враќање на ВМРО-ДПМНЕ на власт. Тврдењата на актуелната македонска опозиција од ВМРО-ДПМНЕ дека со добра комуникација и дипломатска офанзива може да се постигне одложено спроведување на уставните измени, се апсолутно лажни и антибугарски, но не наидуваат на отпор од бугарската страна на официјално ниво“,коментира „Фактор“.

Односите меѓу Софија и Скопје целосно замреа во последните години, се додава во коментарот, а вклучувањето на македонските Бугари во македонскиот устав е приоритетен услов за продолжување на преговорите со Брисел.

„Чудната нереакција од МНР доаѓа на фонот на повикувањето на амбасадорот на РСМ поради изјавата на претседателот Стево Пендаровски, со која ги иронизираше нереалните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе ја натераат Бугарија да признае ‘македонско малцинство’. Доколку дојде до ваква остра реакција поради медиумска манипулација на политичари кои се цврсти поддржувачи на францускиот предлог, сегашниот молк на институциите во најмала рака е чуден. Или се работи за неизговорено лобирање во корист на ВМРО-ДПМНЕ (да не заборавиме дека главен финансиски спонзор на партијата е Орце Камчев, предложен за почесен конзул на Бугарија во РСМ, кој е на ‘црната листа’ на САД)“стои во коментарот на бугарски „Фактор“.