Во последно време се почесто има предупредувања од американското ФБИ поврзани со сајбер безбедноста. Последното од серијата, иако првенствено е наменето за американските корисници, го привлече вниманието на интернет корисниците ширум светот.

Имено, во предупредувањето објавено на официјалната веб-страница на ФБИ, од корисниците се бара да престанат да ги користат веб-страниците кои нудат услуга за бесплатна конверзија на документи од еден формат во друг (т.н. конвертори на документи).

Според ФБИ, нивните агенти добиле зголемен број извештаи за измами кои вклучуваат бесплатни алатки за конвертирање документи од еден формат во друг. Таквите страници кријат малициозни програми кои се користат за кражба на лични информации на жртвите и, во најлош случај, за напади на уредот на корисникот.

Сајбер-криминалците ширум светот користат секаков вид бесплатна алатка за конвертирање документи во друг формат. Тие исто така создаваат страници кои ветуваат спојување на повеќе JPG документи во еден PDF или преземање MP3 и MP4 датотеки, истакнува ФБИ.

Тие објаснуваат дека сајбер-криминалците создаваат веб-страници кои изгледаат како да нудат бесплатна конверзија на документи од еден формат во друг. Меѓутоа, наместо конвертиран документ, корисниците преземаат малициозен софтвер на нивниот компјутер. Покрај тоа, можно е да се „украдат“ и податоци од самите документи – имиња, податоци за криптовалутите, лозинки, адреси на е-пошта и други информации.

Измамниците имитираат легитимни веб-адреси така што менуваат само една буква во адресата, објасни ФБИ. Корисниците кои допираат до такви страници преку интернет пребарувања се особено ранливи, бидејќи алгоритмите сега вклучуваат платени резултати кои може да бидат лажни, пишува српски Телеграф.