Мерките кои ги предлага Комисијата за заразни болести, како советодавно тело на министерот за здравство, се целосно издржани. Целта е да се одржи релативно стабилната епидемиолошка состојба и да се зголеми интересот за вакцинацијата, истакна министерот д-р Венко Филипче во синоќешното гостување во емисијата 360 степени.

-Во моментов на некој начин ние сме еден изолиран остров, бидејќи се случува голема „експлозија“ на нови случаи насекаде во регионот. Илјадници новодијагностицирани, стотици случаи на кои им е потребна хоспитализација, стотици смртни слуачи. Овие мерки не ги измисливме ние туку се логичен след на сите превентивни мерки, укажувања, апелот да се подигне опфатот со вакцинацијата, а мерки кои се воведуваат насекаде во Европа – изјави министерот Филипче.

Тој појасни дека мерките кои ги предлага Комисијата, комбинирано се користат скоро секаде во Европа. Некои земји имаат слични дури и поригорозни мерки.

-Вакви мерки има и во Германија, Австрија, Хрватска, во Грција каде се размислува да се воведе целосна забрана за влез во затворено, без разлика дали е на работно место или не, за невакцинирани. Нема друг начин да го заштитиме здравјето на граѓаните, но и здравствените капацитети. Во моментов и целиот изминат период болниците се полнат со невакцинирани пациенти 70%-80% од хоспитализираните се невакцинирани. Огромен број од колегите веќе имаат „burn-out“ синдром, знаете две години да се работи во ковид центри со таков интензитет не е едноставно. Има луѓе кои заболуваат и од други болести, не може нив да ги оставиме по страна. Не може да издржиме уште долго вака, да затвораме други одделенија, други пациенти да трпат, да им се одложуваат третманите, а ние да се занимаваме само со Ковид – рече Филипче.