Пациентот кај кого вчера беше секвенциониран сојот омикрон, е со лесна клиничка слика и се наоѓа во домашни услови, изјави за Канал 5 ТВ, Венко Филипче. Тој смета дека во земјава има сериозен процент на имунизирано население па согласно тоа нема потреба од дополнителни заострувања на мерките во пресрет на празниците. Доколку тие се почитуваат онака како што се пропишани, сигурно ни овозможуваат заштита да не се заразиме со корона-вирусот, смета Филипче.

-Нема да има карантин за останатите патници од авионот со кој допатувал патникот кај кого е регистриран омикрон сојот, зашто сите тие почитувајќи ги протоколите за патување со авион, користеле соодветна заштита со носење Ка/Ен 9 маски, смета тој.

Повикивајќи се на резултатите од последните научни истражувања, Филипче смирува дека оваа варијанта на корона вирусот е послаба во однос на типот Делта. Сепак, тој нагласува дека најдобар начин на заштита од било која варијанта на ковид-19 е вакцинацијата.

Веќе има и научни истражувања кои посочуваат дека третата доза од вакцините штитат до 80% од сите соеви на вирусот.