Министерот за здравство Венко Филипче, во денешното гостување во “Отворено студио” на 24 телевизија, запрашан дали е можно коронавирусот да сме го имале многу порано во нашата земја, односно дали зголемениот број на пациенти заболени од сезонски грип кон крајот на декември и почетокот на јануари може да значи и присуство на коронавирусот многу порано во нашата држава.

“Се анализираа еден мал број на случаи коишто чии материјали се сè уште на Институтот за јавно здравје. Имавме сезона во која бројот на лица заболени од сезонски грип беше значително поголема од статистиките гледано наназад историски. Оваа сезона имавме дури 70% поголем број на заболени пациенти од сезонски грип. Напаравивме анализа на само еден мал дел со оглед на тоа што капацитетите ги посветивме да ги анализираат брисевите на новите пациенти. Од тие материјали коишто стојат во Институтот за јавно здравје, а кои тестови биле претходно земани од пациенти заболени од сезонски грип со цел да се утврди постоење на други пулмонални вируси, беа негативни. Планираме да направиме еден подетален скрининг меѓутоа капацитетите се сè уште целосно посветени на новите пациенти. Оној скрининг на носители на антитела во Дебар покажа дека само мал број на лица се носители на антитела. Не ни очкуваме со ваков нов вирус да имаме некаков стекнат имунитет толку брзо. Таква една анализа може да биде некаков показател од научен аспект, но ништо практично нема да ни покаже или смени при креирањето на мерките” – истакна Филипче.