Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција оцени дека нашата земја успешно се справува со коронавирусот и дека мерките кои беа воведени а кои, како што нагласи, беа исклучиво согласно препораките на стручните лица, дадоа резултати.

Рече дека Комисијата за заразни болести е согласна дека може да има одредено релаксирање на мерките, и дека до Владата доставила нови предлози.

„Полицискиот час да започнува секој работен ден во 19 часот, наместо во 16 како што беше досега. Со ова ќе се добијат дополнителни часови граѓаните да можат да ги завршат обврските, да набават намирници од продавниците и маркетите. За возрасните граѓани да продолжи времето на движење, наместо од 10 до 12 часот, сега од 8 наутро до 12 часот напладне. Продолжување на периодот во којшто се движат и младите до 18 години, и сега да биде од 13 до 16 часот. Предлог е полицискиот час за време на викендот да остане, но со скратено време и сега да почне во сабота во 13 часот и да заврши во понеделник во 5 часот наутро. Останува забраната за групирање на граѓани и сите други мерки кои се на сила во однос на физичката дистанца, користењето на јавните површини и парковите“, рече Филипче.

Како што најави, паралелно со ова релаксирање на мерките ќе се воведат нови задолжителни мерки на лична заштита.

„Граѓаните ќе треба да носат лична заштитна опрема на лицето при движење во затворени објекти и на отворено, во ситуација кога нема да бидат во можност да се одржи препорачаната физичка дистанца од 2 метри. Односно, попрецизно, заштитна опрема треба да се носи при движење во сите јавни места од затворен тип како маркети, продавници, банки, пошти, чекалници, здравствени установи, сите затворени објекти во коишто има повеќе лица. Во однос на отворените површини, заштитна опрема мора задолжително да се носи на места кадешто нема простор за дистанца од 2 метри. Задолжително носење на заштитна опрема важи на пример, за пазарите, како најдобар пример кое е тоа место од отворен тип кадешто ќе мора да се носи таква заштитна опрема на лицето. Исклучок за носење на заштитна опрема на отворено се прави само ако лицето носи заштитна опрема на работа којашто е пропишана со работното место како погони во фабрики за производство, престојува во двор на станбена семејна куќа, вози велосипед или спортува на отворено, но ја држи потребната дистанца од 2 метри и не го прави тоа во група согласно постоечките рестрикции, при возење во патничко моторно возило со лица со кои лицето живее во заедница или домаќинство, или при движење на јавни места и површини од отворен тип и целосно го одржува дозволеното растојание од најмалку 2 метри од другите лица во непосредна близина. Ова е исклучително важно граѓаните да разберат дека мора да се почитува, дека физичката дистанца од 2 метри е задолжителна и на отворено и секогаш кога ќе се најдеме во ситуација да има поголема бројка и не можеме да се оддалечиме, тогаш да се користи таа заштитна опрема. Компаниите во сите свои објекти, управни згради, подружници, експозитури ќе бидат задолжени да обезбедат заштитна опрема на лице за сите свои вработени и да забранат влез на лица, односно посетители доколку истите немаат заштитна опрема за лице. И во однос на заштитната опрема и што претставува таа, мислам дека е битно да се знае следното – дека се подразбира било каква форма што ќе го покрива пределот на носот и устата, како маска за еднократна или повеќекратна употреба или марама или шал и слично, што може да прекрие устата и носот“, рече Филипче.