Министерот за здравство, вечерва во дебатното издание на емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, рече дека мерките се единствен начин да се заштити здравјето на граѓаните, но и здравствените капацитети

Реакциите за предложените мерки за стимулирање на вакцинацијата нема да ги премислат надлежните за нивно неспроведување. Минситерот за здравство Венко Филипче вечерва во дебатното издание на емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат рече дека нема друг начин да се заштити здравјето на граѓаните, но и здравствените капацитети.

„Мора граѓаните да знаат дека болниците се преполнети, од 70 до 80 проценти од пациентите се невакцинирани и тие се товарот. Огромен број од колегите веќе имаат ‘брн аут’ синдром. Знаете, веќе две години да се работи со таков интензитет во ковид-центрите не е едноставно, има луѓе кои заболуваат и од други болести“,смета Филипче.

Комисијата за заразни болести предлага задолжителна вакцинација за здравствените работници, додека за вработените во јавниот сектор да биде неопходна потврда за примена една доза вакцина, ПЦР-тест или прележан ковид. Исто така, опција за вработените е и потврда од специјалист дека не може да се вакцинираат.

Предложените мерки в понеделник ќе се разгледуваат на состанок на Главниот координативен кризен штаб, а веќе во вторник би се нашле на владина седница.