Министерот за здравство Венко Филипче, во денешното гостување во вестите на телевизија „Канал 5“, информираше дека по разговорот на премиерот Зоран Заев со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во кој било договорено Србија да и даде 8.000 „Фајзер“ вакцини на нашата земја, веднаш започнал разговори со српскиот колега Златибор Лочнар за техничките детали и точното време на испорака на вакцините.

-Најавата засега е дека тоа има шанси да се случи уште утре, но ќе видиме како ќе течат овие разговори и административните постапки во однос на самиот транспорт, приемот и пречекот на вакцините. Станува збор за „Фајзер“ вакцина, која заедно со „Модерна“, е единствената која ги има сите потребни сертификати од најголемите регулатори, европската ЕМА и американската ФДА, изјави Филипче, но истакна дека сите вакцини што сега се достапни на пазарот се развиени на безбедна платформа и веќе се аплицираат во некои земји.

Во однос на чувањето на вакцините, министерот Филипче рече дека близу 100 илјади вакцини може да се складираат во еден фрижидер.

-Во таа смисла, фрижидерите кои ги најавувавме како донација се пристигнати, завршуваат административните постапки околу царинењето. Но, и сега во овој момент можеме да сместиме вакцини во постојните фрижидери кои ги имавме за друга намена од лабораториите на Институтот за трансфузиона медицина, додаде Филипче.

Министерот информираше дека денеска се враќа во функција одделението за офталмологија при интерните клиники, а од утре и одделението за оториноларингологија.