Доколку утврдиме дека и трговските центри се место каде што се собираат многу луѓе, ќе донесеме нови мерки, рече министерот за здравство Венко Филипче во интервју за НОВАТВ.
„Утре ќе го разгледуваме и тоа прашање. Возможно е да донесеме мерка за затворање на моловите“, рече Филипче.
Тој уште еднаш повтори дека потребно е придржување кон препораките со цел зачувување на сопственото и јавното задравје.
На прашањето дали досега некое физичко или правно лице е казнето за непочитување на препораките и мерките, тој одговори негативно, но нагласи дека казни ќе има.
„Сите кои нема да ги почитуваат забраните и ќе придонесат во ширењето на вирусот согласно законската рамка за ширење на заразна болест, ќе бидат казнети“, додаде тој.
Во однос на тоа дали земјава има доволно респираторни машини, Филипче рече дека добиле задолжение да се набави дополнителна опрема.
„50 дополнителни машини да стигнат наредната недела и евентуално уште 50. Има место каде да се постават тие апарати и има експерти кои што може да ракуваат со нив“, рече Филипче.