Министерот за здравство, Венко Филипче, во денешното гостување во емисијата “Само вистина” на Канал 5 телевизија ја објасни епидемиолошката методологија за пресметување на бројот на починати лица и дека собирање на апсолутни бројки на милион жители немаам никакво медицинско значење.

“Кога се пресметува смртност не се кажуваат апсолутни бројки. Нашиот леталитет, а тоа е процент на починати од вкупниот број на заболени лица, тоа се начините на кои се пресметува смртноста кај одредена болест. Доколку пресметуваме вкупна бројка на починати на милион жители никаква поука нема да извлечете од тоа заради тоа што постојат професионални начини за пресметување на смртноста, односно колку лица заболеле и колку од тие заболени лица починале. Во таа смисла, многу други земји во регионот имаат повисока смртност од нашата” – објасни Филипче.

Филипче истакна дека во нашата земја има една специфична појава, а тоа е дека речиси 30% од починатите многу доцна побарале помош во болница.

“Нашата анализа за смртноста покажа дека ние дијагностициравме огромен број случаи пост мортем, земавме брисеви на лица кои починаа на денот на приемот во болница после неуспешната реанимација за да знаеме дали биле носители со вирусот со цел да знаеме како да пристапиме на семејството и тоа го подига бројот на починати лица. Ниту една земја во регионот не го прави тоа. Но, ние сметавме дека треба да бидеме чесни и да направиме добро и за членовите на семејството, но и да имаме реална епидемиолошка слика. За жал, има огромен процент на пациенти кои доаѓаат многу доцна во болница и кај нив смртниот исход настанува помеѓу првиот и петтиот ден од приемот. Доаѓаат со многу лоша клиничка слика, а има и пациенти кои потпишале дека не сакаат да се лекуваат во болница, па после доаѓаат во крајните стадиуми на болеста и за жал, за тие пациенти и покрај сите преземени мерки, ништо не може да се направи. Тој процент во нашата земја изнесува 29%, односно речиси една третина од вкупниот број на починати многу доцна доаѓаат во болница. Одговорно кажувам дека за секој примен пациент е направено апсолутно сè!” – истакна Филипче.