Министерот за здравство, Венко Филипче, во денешното гостување во емисијата “Само вистина” на Канал 5 телевизија го изнесе својот став дека Комисијата за заразни болести сите свои досегашни одлуки ги донела исклучиво врз база на медицината, а партиската припадност на членовите е целосно ирелевантна.
“Не постои никаква поделеност помеѓу членовите во рамките на Комисијата за заразни болести врз основа на нивната партиска припадност. Нема никакво различно мислење коешто се темели на што било друго освен на струката кога се отвора еден мегдан за дилеми, па истите се дискутираат и се разгледуваат. Луѓето коишто членуваат во оваа комисија се стручни и имаат огромно искуство, со години работеле во своите професионални полиња, особено во полето на епидемиологијата, микробиологијата, инфективните болести, вирусологијата итн. и тие ги претставуваат и своите институции во рамките на кои институции многу често се водат дебати и помеѓу луѓето коишто не се членови во комисијата бидејќи физички не може сите да членуваат. Но, принципите се јасни кога една земја се справува со епидемија. Јасни се начелата врз основа на кои се темели борбата со некјо вирус или бактерија кои предизвикуваат некаква епидемија. Во таа смисла, имаме и надворешни соработници и многу чести телефонски консултации со наши колеги, иако не се членови на комисијата.
За време на дискусиите кои се случуваат во рамките на комисијата многу често дискутираме и за предлозите коишто излегуваат од наши професори и врвни и еминентни експерти коишто ги кажуваат во јавност и нивните мислења исто така се предмет на евалуација. Но, апсолутно можам да кажам дека ова комисија од самиот почеток работата ја врши многу професионално и никогаш немало друг критериум за носење и димензионирање на мерки, освен професионалниот критериум, а тоа е медицината, односно епидемиологијата” – истакна Филипче.