Министерот за здравство, Венко Филипче, во денешното гостување во емисијата “Само вистина” на Канал 5 телевизија ги оцени како срамни изјавите на одредени медицински лица од Инфективната клиника во Скопје дека медицинскиот персонал кој дојде од внатрешноста да помага е недоволно обучен и нестручен.

“Најостро го демантирам тоа дека здравствените работници од внатрешноста кои се дојдени да помогнат се неспремни или нестручни и зошто такви изјави потекнуваат од нивни и наши колеги навистина не знам. Така не се зборува за своите колеги коишто доаѓаат да помагаат и она што е многу битно е дека докторите од внатрешноста не се доктори без искуство, без знаење, тие се луѓе со огромен број години искуство со пациенти од областа на интерната медицина, инфектологијата, пулмологијата итн. Нивното познавање е на одлично ниво. Ваквите тврдења апсолутно го осудувам и тврдам дека сите коишто се ангажирани во овој процес имаат одлично ниво на експертиза и знаење. Во сите инфективни одделенија низ државава имало вакви пациенти, ова е болест којашто има сериозна манифестација на белите дробови, на крвта, таа е нова болест насекаде во светот, меѓутоа пристапот, анализите, индикациите за препишување на различна терапија е нешто што се прави по сите светски протоколи и медицината базирана на докази.

Срамно е така да се зборува за своите колеги!” – истакна Филипче.