Министерот за здравство Венко Филипче, во денешното издание на емисијата “Детектор” на Сител ТВ, даде свои претпоставки како би можела да се движи кривата на новозаболени, кога се очекува најголемиот број на заболени пациенти и на кој начин здравствениот систем најсоодветно би се справил предизвикот наречен Ковид-19:

“Некои наши интерни претпоставки врз основа на анализа на епидемиолошки податоци како што се експоненција на ризик кај граѓани, покритични градови и населби, како и критични групи, пикот на болеста со најголем број на заболени се очекува некаде кон крајот на месец април.

Тоа што е многу битно е здравствениот систем да може да ги прифати пациентите. Да не се случи италијанското сценарио во коешто голем број на пациенти на коишто им е потребно лекување во оддел за интензивна нега ги преполнија токму тие најкритичните оддели во секоја болница. Реков кривата е нешто поблага, верувам дека овие мерки значајно ќе го намалат приливот на пациенти и во даден момент кога ќе се прекрши пикот на болеста ќе се намалуваат и новодијагностицираните.

Но, пак ќе кажам дека во текот на следниот месец секој ден ќе имаме нови и нови заболени.” – образложи министерот.

Во однос на капацитетите со кои располага нашиот здравствен систем и колку тие се доволни за згрижување на сите потенцијални пациенти според досегашните проценки, министерот Филипче со појаснување:

“Во однос на здравствената организација ние сме целосно подготвени, па дури сметаме и на тие капацитети коишто ги имаат приватните болници, разговарано е со нив и сите се согласија дека може да се користат тие капацитети. Сметаме дека тоа се доволно капацитети. Имавме дискусија на Комисијата за заразни болести дека домашното лекување е поприфатливо отколку да се приспособуваат спортски сали и слични објекти.

Ние направивме систем на комуникација на доктори и сестри од Инфективната клиника со луѓе коишто се на домашно лекување и секојдневно се проверува нивната здравствена состојба и тие можат во секој момент да бидат хоспитализирани доколку се јави потреба за тоа. Тоа е германскиот модел со кој се штедат болничките капацитети. Во принцип, во домашни услови се третираат помлади лица со поблага симптоматологија.”

Филипче воедно додаде дека промената на временските услови и најавениот студен бран нема да влијаат врз ширењето на коронавирусот.

“Временските услови немаат влијание врз ширењето на коронавиусот, комуникацијата помеѓу луѓето е главниот ризик за ширење на инфекцијата посебно кога има докажани случаи за локална трансмисија на болеста.” – нагласи Филипче.