Нема потреба да се прави тест во период на потенцијална инкубација од две недели, бидејќи може да биде лажно негативен.
Тестирањата во однос на Ковид 19 се одвиваат структурно и организационо, капацитетите постојано се развиваат, станува збор за модел кој е развиен и имплементиран, изјави во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ денеска, министерот за здравство, Венко Филипче.
Прашан за бројот на извршени тестирања, Филипче вели, тестови се прават врз основа на идентификациона анкета, а стручното мислење на Комисијата за заразни болести е дека се тестираат сите кои имаат симптоми.
-Сега не само Иститутот и Центарот за јавно здравје, туку и матичните лекари се отворени за преку епидемоиолошка анкета, да ли да се упатува кон тестирање. Многу често се комуницира дали има можност, дали има потреба за зголемување на тестирањето, но епидемиолозите сметаат дека пристапот да се анализира и тестира пациент кој има симптоми, е нешто што во светот дава најдобри резултати. За тестот да биде валиден, мора да има самоизолација. Нема потреба да се прави тест во период на потенцијална инкубација од две недели, бидејќи може да биде лажно негативен. Луѓето кои биле во некаков контакт, мора да бидат во самоизолација. Доколку се прави тестирање во период додека трае инкубацијата, може да биде лажно негативен а дури потоа да развие симптоми, објаснува тој.
Филипче потенцира дека во Здравство, свесни се за интересот за тестирања, но вели, многу често станува збор и за психолошки притисок.
Меѓу другото, министерот нагласи дека „добро“ е што засега линеарно тече бројката на заразени, но оптимизмот треба да биде сведен на минимум, бидејќи пикот, според експертите, допрва се очекува, односно при крајот на април.
-Целиот следен месец е критичен. Се надевам дека драстично нема да се смени работата, иако во Италија се случи токму тоа. Тешко е да се предвиди дали може да се очекува таква работа. Кај нас согласно информациите, дијагностицираните и луѓето со кои имале контакти, се надеваме дека тоа нема се случи, изјави Филипче.
За луѓето кај кои е констатиран корона вирусот, а се на домашно лекување, вели, тие се во систем кој функционира со центрите за јавно здравје во општините каде се лекуваат, а за нивната ситуација има извештај на дневна база.
Останатите гранки на Здравство, работат нормално, информира Филипче.
-Одминат е периодот на сезонскиот грип, болест која ги пополнуваше капацитетите на Клиниката за инфективни болести. Во однос на другите здравствени установи, функционираат нормално, се одложуваат само заболувањата кои можат да се одложат без да предизвикаат компликација. Здравствените екипи се поделени во 2-3 групи во сите јавно-здравствени институции, за да ги чуваме лекарите, да не заболи случајно цел еден колектив, рече тој.
Во однос на шпекулациите дека Скопје може да биде целосно ставен во карантин, министерот за здравство одговори:
-Овој систем на полициски час и одвојувањето на две ризични групи засега е доволна мерка. Сепак будно ја следиме ситуацијата, во Владата будно се следи развојот на настаните и врз однос на тоа се носат одлуки, одговори Филипче.