Секако дека и тоа сценарио е можно, но нашата цел е да не дојде до тоа. Свесни сме какви штети предизвикува карантинот како мерка и врз економијата и врз генерално моралот на граѓаните. Но доколку во даден момент тоа е нужно решение за сузбивање на некоја критична состојба, секако дека ќе го употребиме. Но, морам да нагласам дека се размислува за рестрикции со регионален пристап, односно ако се оцени дека во некој регион, град има зголемување на ново заболени, зголемен број на пациенти тогаш овие рестриктивни мерки би се аплицирале во критичниот регион. Тоа би значело можен полициски час, затворање училишта, прекин на работа на некои економски оператори и сл.

Ние веќе неколку месеци работиме на подготовка на здравствениот систем за евентуалниот есенски бран, практично од почетокот на летото. Ги подготвуваме болничките капацитети, го организираме медицинскиот кадар. Правиме монтажни болници во 16 града, по примерот на онаа до Инфективната болница и амбулантата кај Пулмо. Ова се всушност ковид-центри кои ќе ни овозможат целосно да ги одвоиме пациентите со таа симптоматологија од останатите, а со тоа да не се наруши редовниот програм. Дополнително го подготвуваме медицинскиот кадар, кој и досега одлично функционира по системот на ротација, но и го зајакнуваме со нови вработувања. Еве, наскоро 51 млад лекар, од лиценцираните во јули, почнува со платена шест месечна пракса на инфективните одделенија и клиники кои третираат ковид пациенти. Формиравме Центар за епидемиолошко следење и управување со здравствени кризи, во континуитет ги зголемуваме лабораториските капацитети за тестирање, а двојно ја зголемуваме и количината на вакцини за сезонски грип. И она што истo така е важно да се каже, имаме мерки, практично за се имаме протоколи кои ако доследно се почитуваат ќе спречат ескалација на епидемијата, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР, министерот за здравство, Венко Филипче.

Министре, веќе седум месеци живееме „ново нормално“ соочени со опасниот коронавирус. Како од оваа дистанца ја оценувате битката со овој вирус во нашава земја и има ли нешто што ве плаши како човек и доктор врзано со болеста?

Пандемијата со ковид-19 е најголемата светска здравствена криза кој му се случила на човештвото во последните 100 години и испит за подготвеноста на здравствените системи на земјите во светот. Се покажа дека ниту една земја, па дури и оние со високо-развиени здравствени системи, не беше подготвена за пандемија од вакви размери. Едно е кога зборуваме за „мирнодобски’ услови, но друго е кога една земја, еден здравствен систем е соочен со огромен пандемски притисок. По 7 месеци борба со вирусот, сметам дека успешно се справуваме со кризата, а тоа пред сè, го аргументирам со фактот што во ниту еден момент не дозволивме да ни се случат сценарија со кои се соочија некои земји, преполни болници, неможност да му се пружи соодветната нега на секој пациент на која таа му е потребна. Ова се должи на навремената реакција и пристапот кој го заземавме во управување со кризата. Тука мислам на навременото воведување на превентивните мерки, далеку пред тоа да го направат некои други земји, моделот на хоспитализација на тешките пациенти и домашно лекување за асимптоматските и оние со лесна клиничка слика, ревносното следење на прогресијата на епидемијата, соодветен одговор на секоја новонастаната ситуација, протоколи. На почетокот кога се соочивме со ковид-19, вирусот беше една огромна непозната за целата медицинска наука. Но секојдневно има сè повеќе сознанија за него, научни публикувани трудови, кои на медицинските работници кои работат со овие пациенти значително им помагаат во третманот, наспроти почетоците кога се боревме со „непознат непријател“. Со досега невидена брзина светот почна да работи на вакцината и веројатно скоро ќе има достапна вакцина. И сето ова влева надеж дека светот, земјите и сите ние како поединци ќе ја надминеме оваа криза.

Целото интервју на министерот за здравство Венко Филипче за весникот Вечер на следниот ЛИНК.