Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин денеска во Министерството за одбрана, ќе одржат средба со новинари за целосното воено интегрирање на Северна Македонија во НАТО, процес кој ќе заврши со претстојното потпишување на Заедничката декларација за интеграција на Северна Македонија во Алијансата, следната недела.

Процесот на воена интеграција на Северна Македонија во НАТО започна по потпишувањето на Протоколот за пристапување на нашата земја во Алијансата. Процесот на воена интеграција го следеше, координираше и имплементираше работна група составена од експерти, која работеше во седум области и тоа: администрација, опремување и модернизација, структура на сили, едукација, обука, вежби и евалуација, логистика и медицина, интеграција на системот за воздушно набљудување со системот на НАТО и комуникациско-информациски системи и сајбер одбрана.

По серијата консултативни состаноци, во ноември 2020 година се одржа Првата годишна конференција за интеграција на која беше заклучено дека процесот се одвива согласно планираната динамика и дека и покрај предизвиците од пандемијата, военото интегрирање на Северна Македонија во НАТО ќе заврши есента, 2021 година.

Во јуни 2021 година следеше и Втора годишна конференција на која беше истакнат значителниот напредок кој го направи нашата земја во овој процес и уште еднаш беше потврдено дека земјата ќе биде целосно воено интегрирана во НАТО во зацртаниот период – до есента 2021 година.