Финската премиерка Сана Марин денеска изјави дека се тестирала за дрога, откако претходно неделава преку Интернет беше објавено видео на кое се гледа како се забавува со нејзините пријатели.

„Денеска направив тест за дрога и резултатите ќе бидат готови за една недела”, рече таа на прес-конференција посочувајќи дека никогаш во животот не користела наркотици.

Финската премиерка рече дека посочената ноќ не биле доведени во прашање нејзините способности да ги извршува премиерските задолженија, како и оти би ја напуштила забавата доколку морала да работи.

На социјалните мрежи седмицава почна да се шири видео-снимка на која се гледа 36-годишната Марин како се забавува со познати личности и уметници од Финска, за потоа снимката да биде раширена и надвор од земјата.

По појавата на видеото финските политичари, како од нејзината владејачка партија така и од опозицијата, побараа од Марин да направи тестирање на наркотици.