Повик за учество на првиот хакатон: „Е-Здравство”, на кој се бараат иновативни мобилни апликации или веб-сајт за подобро управување со здравствениот систем, превенција, подобро менаџирање на високоризични групи на пациенти и намалување на ризикот од малигни заболувања, објави денеска Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во соработка со компанијата Рош Македонија и Министерство за здравство и Управата за електронско здравство како партнери во имплементацијата. Апликации може да се доставуваат до 17 јуни до 14 часот, а хакатонот ќе се одржи онлајн од 25 до 27 јуни.

Директорот на ФИТР, Коста Петров на прес-конференција рече дека решенијата кои ќе победат на хакатонот ќе бидат целосно и бесплатно достапни до сите граѓани најмалку во рок од една година по завршувањето на проектот.

На презентацијата на деталите, Петров истакна дека преку овој хакатон ги мотивираат македонските иноватори и старт ап компании да развиваат е-решенија во областите: подобро управување со здравствениот систем во услови на Ковид-19 пандемијата и женско здравје односно превенција за намалување на ризикот од малигни заболувања. Посочи дека во однос на критериумите кои треба да ги исполни апликантот, можат да аплицираат: трговско друштво основано и регистрирано во државава и тим кој се состои од најмалку две, а најмногу пет членови физички лица.

– Доколку апликантот е трговско друштво, тоа треба да ги исполнува следните критериуми за подобност: приходите на апликантот да не надминуваат еден милион евра во денарска противвредност, просечниот број вработени да не надминува 250 вработени, а од моментот на регистрирање на трговското друштво до моментот на поднесување на предлог проектот да не поминале повеќе од шест години. Целосната листа на критериумите е достапна на веб страницата на Фондот. Вкупниот буџет за хакатонот изнесува 30.000 евра во денарска противвредност, колку што е и максималниот износ на средства за финансирање на поединечен предлог проект, рече Петров.

Средствата, нагласи, се обезбедени во сооднос: 51 проценти од корпоративниот партнер Рош и 49 проценти од ФИТР, а исплатата ќе се одвива на следниот начин: 50 проценти авансно, по потпишување на договорот, а останатите 50 проценти ќе бидат исплатени по реализација на решението и поднесување на завршен извештај.

– Во делот на трошоци кои ги прифаќаме, односно трошоци за кои согласно правилникот одобруваме предлог проекти, се детално објавени на веб страната на Фондот, но би напоменал еден дел од нив: бруто плати за лица кои се или ќе бидат вработени кај корисникот, набавка и/или изнајмување на опрема и поддоговорни услуги за истражување и развој. Со овој хакатон, апликантите можат да поднесат предлог проект за финансирање на повеќе активности, како: активности за истражување и развој; развој на пилот линии/производ/и и/или услуга/и, деталната листа на активности кои се погодни за финансирање е објавена на веб страната на Фондот, истакна Петров.

Појасни дека сите пристигнати предлог проекти, ќе бидат евалуирани од страна на Комисијата за оценување и избор, која е составена од по еден експерт од областа на предизвикот и од областа на развој на бизнис и/или маркетинг и продажба и од по еден претставник од Рош Македонија, Управата за електронско здравство и Фондот. Критериумите врз основа на кој ќе се оценуваат предлог проектите се достапни во правилникот објавен на веб страницата на ФИТР.

Хакатонот, како што истакна, ќе се одвива врз база на доставените предлог-концепти, а Комисијата за оценување и избор ќе направи претселекција на кандидати за учесници на хакатонот. Претселектираните учесници/предлог-концепти ќе бидат дел од 48-часовен хакатон со онлајн присуство, каде со стручна поддршка од ФИТР, Рош, Управата за електронско здравство и други партнерски организации/институции ќе изработат прототип или демо верзија на решението.

– На крајот на хакатонот тимовите ќе ги презентираат своите решенија пред Комисијата за оценување и избор, по што следува финална селекција и избор на победник/ци. Наградените правни субјекти ќе имаат обврска со доделените средства да изработат и лансираат работна верзија на решението, кое ќе биде целосно и бесплатно достапни до сите граѓани најмалку во рок од една година по завршувањето на проектот. Процесот на аплицирање е исклучиво онлајн и целокупната документација е достапна на веб страната на фондот. Ги охрабрувам сите иновативни и креативни луѓе кои имаат решение за полесно надминување на последиците од пандемијата Ковид-19 и решение за заштита на женското здравје, да аплицираат до 17 јуни до 14 часот. Хакатонот ќе се одржи онлајн од 25 до 27 јуни, додаде Петров.

Директорка на Рош Македонија, Александра Ивановска рече дека иновациите се клучни во развојот на нови подобри третмански дијагностички решенија. Таа посочи дека Рош е водечка биотехнолошка иновативна компанија и оти секогаш е предизвик да се развиваат решенија кои се најдобри за пациентите.

– Оваа пандемија ни покажа дека само преку партнерство можеме да им служиме на пациентите и да им помогнеме во менаџирањето на најтешките заболувања. Соработката меѓу фармацевтската индрустрија и технолошките компании се круцијален двигател за иднината на здравствениот систем. Живееме во ера на персонализирана медицина. Здравството еволуираше од третмани за сите пациенти во специфични и таргетирани терапии за одредена група пациенти па дури и поединечни пациенти. Во овој процес дигиталните технологии стануваат придружна алатка во третманот и следењето на пациентите, бидејќи е потребно да се интегрираат податоци од многу извори: лајф стајл сензори, електорнски досиеја, податоци од клинички студии, податоци од здравствените работници и од самите пациенти со цел да се создаваат персонализирани и поефикасни одлуки за третманот на пациентите, потенцира Ивановска.

Во свет на промени кога иновацијата е клучна, појасни, потребни се партнерства кои се надвор од нашите конвенционални ѕидови како ова партнерство што денеска го промовираме со Фондот за иновации и технолошки развој како дел од програмата за корпоративна иновативност.

– Сигурни сме дека со најавениот хакатон ќе придонесеме за развој на решенија кои ќе им помогнат на самите пациенти, но и ќе помогнат за подобра и поодржлив здравствен систем во нашата земја. Ова е прв хакатон со тема здравство и сигурна сум дека е само почеток на една долгогодишна соработка со ФИТР, додаде Ивановска.