Доцна синоќа во Скопје физички е нападнат претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски. Причина за нападот е постапката за одземање на лиценца на фирма која се занимава со снабдување со струја, пренесува Дојче Веле.

Како што се наведува во текстот, напаѓачот е Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер на ДУИ Муса Џафери и сопственик на компанијата за снабдување со електрична енергија „У Пауер“.

Очевидци на настанот велат дека Џафери седнал на масата на која се наоѓал Бислимоски во еден скопски ресторан и по неколку минутен разговор физички се пресметал со него. Аријанит Џафери најпрво барал објаснување од Бислимоски зошто Комисијата за енергетика започнала постапка за одземање на лиценцата на неговата фирма, а потоа и физички го нападнал. Откако неколку пати го удрил и го влечел Бислимоски, три лица од придружбата на Џафери успеале да го отргнат и сите заедно избегале во непознат правец.