На денешната седница на Советот на Општина Битола беше формирана комисија за процена на штети по серијата на земјотреси во Битола – без поддршка од советниците од СДСМ, кои гласаа воздржано за формирањето на оваа комисија која треба што поскоро да излезе на терен и така да започне процесот за обештетување на граѓаните кои претрпеа штета. 

* Од утре на нашите сограѓани ќе им бидат достапни телефонски броеви на кои ќе можат да пријават штета, а исто така ќе можат и да се обратат во Општината каде ќе им бидат достапни формулари за пријава на штета.

По барање на Поинаку беше донесен и заклучок за да се достави барање за одржување на итна седница на Владата на Република Македонија за дополнителна финансиска помош за санирање на штетите настанати од земјотресот.

„Сите тука станавте на говорница  и рековте не ја мешаме политиката и процедурата, ама! Колеги ако имаше вчера земјотрес во Скопје, сите од овде ќе се соберевме и ќе имавме итна седница и тука, и во Прилеп, и во Демир Хисар, и во Крушево, и во Кавадарци, и сите пари ќе даевме, немаше да се бара процедура, немаше да се бара начин, сите ќе даевме пари, ама сега ние дека сме барале за Битола не сме знаеле колку пари, не сме знаеле процедура. Ние моментално имаме еден  министер во Владата, најверојатно ќе имаме уште еден, како што слушаме. Јас прво не можам да се смирам од се што се случи, а второ стварно неможам да си повервам дека ние денес од ова говорница дебатираме за ваква работа. Не знам на кој начин ќе ни дат пари, ако сакат да ни дат, ќе ни дат. Начинот и вие и јас и сите овде го знајме дека е едноставен ако сака да се дај. За пожари во Струмица се даваја пари, а ние сега дебатираме дали за штетите на битолчани заслужваме да побараме и дали ќе добиеме пари”, изјави Габриела Илиевска, Претседател на Советот на Општина Битола.

Да им се помогне на граѓаните кои претрпеа штети, но и да се санираат институциите, болницата, училишта, градинки, јавни установи е обврска на државата, но и на носителите на јавни функции.