Денес градоначалникот на Општина крива Паланка, Борјанчо Мицевски и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски направија обиколка на започнатите активности за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура во Општината.
Со инвестиција од околу 3 милиони денари, од денес започна изградба на ново и современо игралиште во спортскиот терен кај игралиштето на ученичкиот дом Боро Менков.
Ова современо игралиште ќе биде покриено со гумирана подлога и ќе биде опремено со реквизити за баскет на отворено.
Целосната финансиска рамка за изградба на спортското игралиште е обезбедена од Агенцијата за млади и спорт, со помош од Буџет на Владата на РС Македонија, а крајниот рок за негова реализација е 4 месеци .
-Со завршувањето на овој спортски модерен терен, кој се наѓа во непосредна близина на Средното општинско училиште чии спортски терени немаат доволен капацитет, како и со користење на капацитетите на новата фитнес сала за децата од руралните средини, кои се сместени во Ученичкиот дом Боро Менков, ќе ставиме во функција и ќе заокружиме еден комплетен спортски капацитет, во кој ќе можат да се одвиваат и сите активности по физичко образование за сите ученици од средното општинско училиште, изјави градоначалникот Мицевски.
Во рамки на денешната посета на директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, беше направена и обиколка на завршните активности за модернизација и осовременување на Градскиот стадион, каде во текот на утрешниот ден ќе се изврши оцртувањето на белите линии на тартан атлетската патека.
Посетата беше искористена за обиколка на скејт паркот, како и почетните активности за изградба на мини голф теренот – донација од Бугарската амбасада.
Исто така, посетени беа и локациите за двата нови спортски терени кај централното градско подрачје, а кои се финасирани преку ИПА програмата за прекугранична соработка. Станува збор за фитнес зона со поставена надворешна фитнес опрема и мини голф терен, чија реализација треба да заврши во наредните дваесетина дена.
Сите овие активности за изградба на нова спортска инфраструктура и рекративни катчиња, пред се за младите на локално ниво, е во директна корелација со реализацијата младинските политики на Владата на РС Македонија.