Во 3 часот по полноќ на вчерашната седница во македонското собрание беше разрешена техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски во своето барање за разрешување на техниката министерка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на собраниската седница наведе дека тоа е заради флагрантно кршење на Уставот на кој техничката министерка се заколнала со преземање на должноста.
Рашела Мизрахи по прес конференцијата пред банерот на кој пишува Република Македонија изјави дека е подготвена да плати 5000 евра казна, но нема да држи прес-конференции со табла на која стои новото име на државата. Таа изјави дека кога дошла во министерството не нашла друг банер со друго име и дека нема намера да става друга табла на кое ќе пишува Република Северна Македонија.
Откако беше разрешена, во доцните часови на својот ФБ профил претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, објави фотографија со неа и напиша: „Дисидентите! Зошто? Затоа што ја сакаат мајка МАКЕДОНИЈА!“