Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) ја известува јавноста за сериозна фишинг измама која се одвива преку лажна веб-страница со адреса fzom.net. Наведуваат дека оваа веб-страница се претставува како официјална страница на ФЗОМ (fzo.org.mk) и има за цел да украде лични и финансиски податоци на граѓаните.

Измамниците преку оваа страница се обидуваат да ги измамат граѓаните да ги внесат своите:

  • Лични податоци (име, презиме, матичен број, адреса);
  • Податоци за здравствено осигурување;
  • Податоци за банкарски сметки и кредитни картички;
  • Кориснички имиња и лозинки.

ФЗОМ категорично ги предупредува граѓаните да не ги внесуваат своите лични податоци на веб-страницата. Официјалната веб-страница на Фондот е исклучиво fzo.org.mk.

-Проверете ја внимателно веб-адресата пред да внесете какви било лични податоци, не кликајте на линкови од сомнителни е-пошти или пораки, не споделувајте ги вашите кориснички имиња и лозинки со никого, пријавете ги сите сомнителни активности на ФЗОМ или во најблиската полициска станица, посочуваат од Фондот.

Официјалната веб страна на ФЗОМ никогаш нема да побара од вас внесување на банкарски податоци, додаваат оттаму.

-ФЗОМ веќе презема мерки за да ја блокира оваа лажна веб-страница и да ги заштити граѓаните. Фондот соработува со надлежните органи за да ги идентификува и казни сторителите на оваа измама. За крај, ФЗОМ апелира до граѓаните да бидат внимателни и да ги заштитат своите лични податоци од ваквите измами, стои во соопштението.